Граѓаните во Северна Македонија купуваат најевтина храна, безалкоголни пијалоци и тутун од сите 37 држави на европскиот континент, покажува статистиката на Евростат.
Имено, новата анализа на Еуростат, која беше објавена деновиве, со податоци од 2019 година, ја сместува нашата држава на дното во Европа според трошоците за основните потрошувачки производи, или обратно, на врвот како најевтина.
За задоволување на основните потреби, плус цигари, на македонскиот граѓанин му се потребни само 61% од средствата на ЕУ просекот. На пример, доколку една потрошувачка кошничка со овие производи во европска земја би чинела 100 евра како средна вредност, во Македонија истата би била речиси половина поевтина.
На второ место се наоѓа Романија чии граѓани можат да купуваат храна, безалкохолни пијалоци и тутун за 65% од просекот, а потоа следуваат Полска и Турција.
Убедливо на врвот, како најскапи држави се Швајцарија (163%), Норвешка (157%) и Исланд (140%). Таму потрошувачката кошничка за овие производи надминува 140% од европскиот просек, односно за истите производи би се платиле 50% или повеќе од другите европски држави, односно повеќе од двојно поскапо од Македонија.
Од земјите во регионот, БиХ (76%), Србија (78%) и Бугарија (78%) се блиску до дното, но сепак на нивните граѓани им требаат далеку повеќе средства за задоволување на прехранбените потреби.
Македонија располага со најевтина храна и риба, а е на второ место, зад Романија, во однос на цените на месото и лебот, како и веднаш зад Полска според цените на млекото и млечните производи.
Во делот на зеленчукот, овошјето и маслото за јадење (плус путер и маргарин), Македонија е убедливо најевтина во Европа.
Инаку, Евростат пред неколку дена објави и дека Македонија е трета најсиромашна земја во Европа, а посиромашни од нас се само Албанија и Босна и Херцеговина, со БДП од околу 31 отсто од просекот на ЕУ.
