Филков очекува нови предлози од СДСМ, првите закони од реформската агенда наскоро во Собрание

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за правда Игор Филков очекува нови предлози од СДСМ за лица кои би учествувале во работната група за правосудството, која минатата недела ја договорија премиерот Христијан Мицкоски и опозиционерот Венко Филипче. За забрзување на законите од правосудството поврзани со Реформската агенда, од СДСМ во групата ги предложиле Ана Чупеска и Ана Михајлова Стратилати.

„Тие две имиња што ги споменавте беа дел во 2023 година во групата којашто ги правеше уставните измени, така што се надевам дека ќе имаат посериозен пристап и ќе дадат нови“, изјави Игор Филков, министер за правда.

Доцнењето со законите од Реформската агенда се актуелизираше откако и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски го обвини Филков за слаби перформанси, па сега министерот открива кога првиот закон ќе се најде пред пратениците.

„До крајот на месецот“, изјави Игор Филков, министер за правда.

Реформската агенда беше тема на разговор на Филков со црногорскиот колега Бојан Божовиќ, кој пак најави дека Црна Гора ќе ни помага за време на преговорите за членство.

„Планот е Црна Гора да влезе во Европската Унија во 2028 година и планот за затворање на преговарачките поглавја за до крајот на 2026 година е усогласен и со Европската Комисија“, изјави министерот за правда на Црна Гора, Бојан Божовиќ.

Премиерот Мицкоски неодамна истакна дека очекува конструктивност за реформската агенда од сите парламентарни партии и рече дека е подготвен да се сретне со сите лидери на партии што имаат интерес за тоа.