На 9-от состанок на Секторската работна група за правда, во присуство на претставници на Делегацијата на Европската Унија, амбасадите во земјава, судии, јавни обвинители, адвокати, Советот на ИКТ, домашни и меѓународни организации и донаторската заедница, министерот за правда Игор Филков истакна дека кадровското зајакнување е предуслов за успешна дигитализација и функционално правосудство.
„Надзорот што го спроведовме во сите судови покажа сериозни кадровски недостатоци. Токму овие констатации се основа за конкретни и координирани мерки, со кои во 2026 година ќе ги зајакнеме човечките капацитети на најкритичните точки во системот.
„Иако предвидуваме суштински промени во прописите, најважен останува човечкиот фактор. Потребни се стручни кадри на секое ниво во правосудството за ефикасно функционирање и правда во служба на граѓаните. Ова е заедничка заложба на сите”, рече министерот за правда Игор Филков.
„Паралелно, подготвени се над 20 закони, од кои 13 се веќе во владина процедура, а Законот за Судскиот совет е во Собрание.
Продолжуваме со спроведување на Секторската стратегија за правосудство 2024–2028 и Реформската агенда 2024–2027, со поддршка од Европската Унија“, заклучи Филков.
