Франција, Германија и Италија реагираат на царините на САД

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Франција, Германија и Италија реагираа откако американскиот претседател Доналд Трамп објави царини од 30 проценти за целиот увоз на ЕУ во САД, повикувајќи ја ЕУ да ги забрза подготовките за контрамерки, за „прагматични“ преговори и за „фер договор“.

Трамп во саботата објави дека царините од 30 проценти ќе важат за повеќето стоки од ЕУ увезени во САД од 1 август. Истиот процент важи и за Мексико. Претседателката на Европската комисија објави дека ЕК ќе преземе сите потребни чекори за заштита на интересите на ЕУ, вклучително и преземање пропорционални контрамерки доколку е потребно.

„Остануваме подготвени да продолжиме да работиме кон договор до 1 август. Во исто време, ќе преземеме сите потребни чекори за заштита на интересите на ЕУ, вклучително и преземање пропорционални контрамерки доколку е потребно“, рече таа.

Европската унија „останува силна, обединета и подготвена да ги брани своите интереси“, напиша претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, во саботата. „Царините се даноци. Тие ја поттикнуваат инфлацијата, создаваат неизвесност и го попречуваат економскиот раст. Ќе продолжиме да градиме силни трговски партнерства низ целиот свет“, рече Коста.

Европската Унија треба да ги забрза подготовките за контрамерки откако САД се заканија со царини од 30 проценти за стоките од ЕУ, изјави францускиот претседател во саботата. „Повеќе од кога било, Комисијата е должна да ја покаже решителноста на Унијата да ги брани европските интереси“, напиша Емануел Макрон на X.

Реагираа и Германија и Италија

Германскиот министер за економија ја повика ЕУ да се вклучи во „прагматични“ преговори со САД по заканите на Доналд Трамп. „Сега е должна ЕУ, во времето што преостанува, прагматично да преговара за решение со САД“, изјави Катерина Рајхе. „Европската комисија ја има нашата поддршка во овој пристап“, додаде германскиот министер.

Клучно е да се остане фокусиран на трговските разговори со САД и да се избегне понатамошна поларизација, соопшти кабинетот на италијанскиот премиер откако Трамп објави царини од 30 проценти. Премиерката Џорџија Мелони е уверена дека може да се постигне „фер договор“ за царините меѓу Европската Унија и САД.

Рим целосно ги поддржува напорите на Европската комисија, се додава во соопштението. Најавата на САД за воведување царини за стоки од ЕУ од 1 август е „загрижувачка“ и не е патот напред, изјави холандскиот премиер Дик Шуф во саботата на „X“.

„Европската комисија може да смета на целосна поддршка. Како ЕУ, мора да останеме обединети и решени да постигнеме решение со Соединетите Американски Држави што ќе биде заемно корисно“, рече тој.