„До минатата година, кога со сопругот решивме дека сега одиме со сè или ништо. Купивме билети во еден правец и се вративме назад“.
Ова е Габриела Јаков, која заедно со својот сопруг, двајцата лекари, пред една година се вратила од Германија во Прилеп.
„За децата не мислам дека Германија е здрава средина за растење, Македонија и понатаму, дури и во ова лошо време, е најдобрата опција за воспитување на децата“, порача Габриела Јаков.
Исмаил Ковачи во 1979 година заминал во Швајцарија како работник, а подоцна, во 2009 година, се вратил во Македонија каде што отворил фабрика за ПВЦ пластика.
„Од производството што го имаме, 90% го извезуваме во Швајцарија, а 10% во цела Европа, додека за нашиот пазар околу 5%“, вели Исмаил Ковачи.
Тони се вратил од Италија во Виница, каде што отворил фабрика за кондиторски производи со 58 вработени.
„Ако оваа идеја ја работев во Италија, немаше да можам да успеам и да ја реализирам. Македонија дава можност со помал влог да се реализира работата“, рече Тони Богданов.
Премиерот Христијан Мицкоски им посака добредојде на иселениците кои одлучиле да се вратат во татковината, порачувајќи дека Македонија не смее да се заборави. Тој вети дека како Влада ќе работат повеќе за да ги задржат граѓаните во државата.
„Вие сте тие што со дела покажувате и докажувате дека и тука може да биде добро, дури и подобро од таму каде што сте биле. Ви благодарам уште еднаш што ѝ дадовте шанса на вашата татковина, Македонија, и ние како Влада ќе направиме сè ова да биде последната шанса – Македонија да биде последната шанса каде ќе се реализираме и тука да ги поминеме годините што ни преостануваат“, вели Христијан Мицкоски.
Ова беше кажано на Форумот на повратници во земјата, кој се одржа во Владата, каде што зборуваа и многу други поранешни иселеници кои се вратиле во последните години и ги споделија своите успешни приказни.
