Реконструкцијата на Владата со влегувањето на Алијанса за Албанците а разрешувањето на министрите од редовите на Алтернатива, ги отвори комбинаториките дали со ова промена на кадри ќе се добие потребното мнозинство и за Владата но и за уставните измени. Пред само неколку дена кога објави дека Алтернатива заминува во опозицијата, претседателот на партијата Африм Гаши рече дека во иднина ќе ги поддржат уставните измени. Но вчера во гостување во Алсат постави услов, прво да се прифатат амандманите за борба против корупцијата, а потоа ќе ги гласаат измените на Уставот. Тој рече и дека не верува дека годинава ќе можат да се изгласаат во Собранието.
„Не. Нема можност, особено со ова постапување на Ковачевски и Ахмети мислам дека направија политичко самоубиство за нивните партии, особено со ова политичко самоубиство извршија убиство врз европскиот сон. Под еден услов, ако се прифати амандманот за борба против корупцијата, ние предложивме уставен амандман и тоа додека бевме во Влада.“, изјави Гаши.
Покрај Гаши веќе и од ДОМ најавуваат дека за поддршка на реконструираната Влада ќе постават барање во првите 100 дена да започне процесот на ветинг и да се спроведе конфискација на нелегално стекнатиот имот за да има ефикасна борба против корупцијата, но и да се направат измени на Изборниот законик за една изборна единица и отворени листи. За ситнењето на поддршката на Владата говореше и Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ на денешниот трет ден од расправата на реконструкцијата на Владата.
„Оваа Влада, се уште не ни почнала, односно реконструиранава, меѓутоа гледам дека нема некоја посебна желба, интенција брзо да бидат разрешени и назначени новите министри. Зарем тоа не е симптоматично? Очигледно некои бројки, колеги, не ви се согласуваат.“, изјави Панова.
Расправата во Собранието за реконструкцијата на Владата почна во понеделникот, но не се очекува брзо да заврши, бидејќи пратениците се уште се на точката за разрешувањето на министерот за здравство Беким Сали, поради големиот број пријавени за збор, но и многуте реплики и контрареплики.
