Нов протест на граѓанските активисти од еколошката организација „Стоп за Усје“ против загадувањето на Цементарницата. Протестот овој пат се одржа пред Министерството за екологија, откако вчера „Титан Усје“ го поднесе барањето за нова А-интегрирана еколошка дозвола. Од „Стоп Усје“ велат дека и досега цементарата ја добивало оваа дозвола но и покрај тоа и натаму го загадува Скопје.
„Досегашната дозвола како што веќе многу пати кажавме издадена во 2020 година дојде времето да се реобнови. Таа дозвола ние ја викавме, дозвола за легално труење. Доколку се земат сите наши предлози во предвид новата дозвола на Усје ќе биде вистинска А-интегрирана еколошка дозвола, која ќе го натера Титан Усје да работи како современа еколошка цементара по примерот на другите цементари во светот. И се надеваме дека овој пат Министерството за животна средина ќе ја избере вистинската страна“, порача Мери.
Активистите ја блокираа улицата кај Министерството и организираа герила акција и со поставување столчиња за министерот Муамет Хоџа, заменичката Ане Лашковска и раководителката на секторот Беса Татеши бараат да се организира јавна расправа, во која ќе се прифатат нивните забелешки и барања. Дозволата треба да биде усогласена со европските регулативи и со Светската здравствена организација, порачаа активистите.
„Прагот на тие гранични вредности значително да бидат намалени тоа е едната работа а втората е контролите, како се прават контролите во таа интегрирана дозвола самата Цементара си ги прави сама контролите односно им дава на Министерството дел каде што тие проверуваат. Ние сакаме самите надлежни институции тие да ги прават контролите“, вели Мери од Стоп за Усје.
Активистите од „Стоп за Усје“ досега организираа неколку протести и тоа пред самата цементарница како и пред Владата, а бараа и нејзино дислоцирање надвор од Скопје. Од компанијата, претходно неколку пати реагираа дека работат според сите законски дозволени норми.
