Германија ја тргна Македонија од „црвената листа“ – Цани: Термини за работни визи и натаму нема

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поради намалувањето на бројот на нови случаи на коронавирус, од утре Германија ја трга Северна Македонија од листата на ризични земји. За нашите граѓани кои ќе патуваат во Германија нема да важат строгите ограничувања, информираат од германскиот институт „Роберт Кох“. Новинарот, Бахри Цани, објаснува дека овие олеснувања важат само за копнените граници. Патниците кои ќе сакаат да влезат во Германија преку воздушен пат, ќе мора да приложат негативен тест, сертификат за вакцинација или потврда дека го прележале вирусот, вели тој.

-Ова значи дека сите лица кои патуваат од овие земји во Германија веќе не треба да имаат тест и не треба да се плашат од карантин, значи можат да патуваат слободно. Се разбира освен оние кои патуваат со авион од Косово, Северна Македонија и другите земји. Патниците кои во Германија доаѓаат со авион треба да имаат негативен тест. Ова е условот кој треба да се исполни за да се качите во авион-вели Цани.

Новинарот Цани информира дека амбасадите остануваат затворени за работни визи.

-За ова сѐ уште нема конкретна одлука, односно не се знае кога ќе бидат дозволени туристички патувања или патувања за барање работа во Германија. Кога сме веќе кај амбасадите, уште еднаш повторувам дека амбасадите во Тирана, Приштина, Скопје, Подгорица и другите земји од регионот, сѐ уште не даваат термини за работни визи за работници без квалификации-рече Цани.

Инаку, дестинациите на кои нашите граѓани можат слободно да патуваат само со лична карта се Албанија и Црна Гора. Може да се патува и во Грција, но сега за сега само преку ГП „Богородица“ и тоа со негативен ПЦР тест или потврда за вакцинација. Истите правила важат и за влез во Турција, Бугарија и Хрватска.

Словенија не ги признава сите вакцини, па така во оваа држава е дозволен влез само за патниците кои се имунизирани со „Фајзер“, „Астра Зенека“ или „Синофарм“.

Најпривлечната дестинација овој месец е Романија, каде македонските фудбалери ќе одиграат два натпревара од првото историско учество на Европското првенство. Во оваа држава може да се патува без никакви услови. Третиот натпревар кој ќе се одигра во Холандија, нашата публика нема да може да го следи од трибини, сѐ додека холандските власти не ја тргнат Македонија од листата ризични земји.