Гир контра распуштање на Судскиот совет – „драстични мерки не секогаш даваат резултат“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Евроамбасадорот Дејвид Гир не ги штедеше критиките за предизборното ветување на ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Според Гир, новата власт мора да биде претпазлива, а драстичните чекори, како што додава амбасадорот, не секогаш даваат резултат. Тој ја поздрави амбицијата на власта за борба против корупцијата, но додаде дека напредокот на ова поле ќе се оценува по она што е сторено во практика. Гир повика да се имплементираат препораките на Оценската мисија на експертите на ЕУ, кои се занимаваа со реформи во Судскиот совет.

„Напорите да се засили владеењето на правото не треба да биде направено на начин што може да го наруши принципот на поделба на властите. На пример, разрешувањето на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, кажано на директен начин, би претставувало мешање во независноста на судството и тоа ќе е прашање на сериозна загриженост.“, вели Дејвид Гир.

И амбасадорката на САД, Анџела Агелер порача да се почитува извештајот на европските експерти. Со него, како што вели, ќе има Судски совет што ги штити невините, а ги казнува оние кои мислат дека се над законот.

„Извештајот на Оценската мисија на ЕУ е вреден патоказ за реструктуирање на Судскиот совет и враќање на неговата улога во правосудството. Тој е важно оружје, во арсеналот на оружја, кои ќе бидат потребни за вистински да се трансформира судството на Северна Македонија во институција која им служи на граѓаните.“, вели Анџела Агелер.

Актуелната претседателка на Советот, Весна Дамева, побара наместо целиот состав да биде казнет за нечие незаконско однесување, да се бара индивидуална одговорност. Според неа, идејата на власта може да има негативни последици.

„Во период од распуштање на Судскиот совет до конституирање на нов Судски совет, ќе настане еден вакуум-период, кој иако би бил краток, да речеме од неколку месеци, сепак би постоела опасност да застарат одредени постапки, иницирани токму од граѓаните за нестручно и несовесно постапување на одредени судии.“, вели Весна Дамева.

Претходно премиерот Христијан Мицкоски кажа дека распуштањето на Советот е клучно ветување во борбата против криминалот и корупцијата и има поддршка од над 600 илјади гласачи. Дел од експертите пак реагираа дека на ваков начин извршната ќе се меша во судската власт.