Гир не гледа можност за промена на рамката – Муртезани: Уставни измени ќе има, почнуваме разговори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Евроамбасадорот Дејвид Гир очекува евроинтеграцијата да остане високо на политичката агенда на новата Влада. На иста линија со амбасадорката Анџела Агелер, Гир повтори дека нема можност за промена на преговарачката рамка на Македонија, на што инсистираше новата власт.

„Секогаш бев многу јасен во однос на договорот постигнат во јули 2022-рата година, што резултираше со отворање на пристапниот преговарачки и скрининг процесот. Не гледам можност за промена на преговарачката рамка и оваа позиција останува непроменета и после одржаните избори.“, вели Дејвид Гир

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани уверува дека промена на Уставот ќе има.

„Секако дека ќе се случат уставните измени.“, вели Орхан Муртезани

Муртезани вели дека наскоро ќе почнат суштински и длабински разговори, како во Владата, така и со Унијата, за да се изнајде начин како да се реализираат уставните измени. Тој проблемот го лоцираше во билатералниот Протокол од Договорот со Бугарија.

„Доброто е што никој нема дилеми за зачленувањето на земјата во Европската Унија и евроатлантскиот пат. Тоа што успорува е Протоколот којшто извира од преговарачката рамка. Секако дека во блиски преговори и разговори со Европската Унија и со Владата ќе видиме кое е најдоброто решение.“, вели Орхан Муртезани.

Министерот рече дека процесот засега не успевал, бидејќи претходниците го туркале без да обезбедат широк национален консензус, односно без да ја вклучат ВМРО-ДПМНЕ. Според Муртезани, без разлика кога ќе се случат уставните измени, администрацијата не треба да чека за спроведување на реформите.