Голема полициска акција во Скопје и Струмица – запленето големо количество марихуана, молк од МВР и ОЈО ГОКК

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поминаа повеќе од 24 часа од почетокот на полицискаа акција во која запленето е поголемо количество марихуана, но се уште нема официјални информации од надлежните. Ниту полицијата, ниту обвинителството официјално не ја потврдиле заплената, на според неофицијалните информации, дури 27 тони марихуана. Она што засега е познато е дека акцијата на МВР и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција се одвива на две локации – во Скопје, во просториите на поранешната фабрика ОХИС, и во Струмица.

„Имајќи предвид дека сè уште се постапува на терен, во овој момент Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција нема можност да сподели повеќе информации со јавноста“, велат од ОЈО ГОКК.

Десетици комбиња, камиони и полициски и царински возила вчера попладне влегоа во кругот на поранешната фабрика ОХИС во главниот град, каде што и во текот на вечерта се одвиваше полициска операција, поврзана со 5 тони дрога запленети во Србија, за кои се сомнева дека биле шверцувани од Македонија.

Според информациите полицијата запленила 10 тони марихуана во Скопје, а паралелно, во другата операција во Струмица, биле запленети уште 17 тони марихуана.

Според досегашните неофицијални информации, вкупно 27 тони марихуана, запленети од фабрики за медицинска марихуана, биле нелегално складирани и наменети за шверц надвор од државата, со цел нелегална трговија со дрога и стекнување противправна имотна корист.

Сомнежите се дека марихуаната била чувана во индустриски објект во Скопје, а дел од количините биле поврзани и со производствени погони во Струмица. Сè уште не е јасно дали станува збор за марихуана произведена за медицински цели која ги надминала законски дозволените количини, или за целосно нелегално производство.

„Активностите поврзани со акцијата за која прашувате сè уште се во тек и поради тоа во моментов не сме во можност да споделиме дополнителни информации. По целосното завршување на акцијата, јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од МВР.

До овој момент нема официјални информации ниту за осомничените лица, ниту за тоа под каква правна квалификација се води предметот. Неофицијално, фабриката од која била запленета марихуаната се поврзува и со случајот на 5 тони канабис запленети во Србија минатата недела. Тогаш српските власти информираа дека заплениле голема пратка марихуана која, според нив, потекнувала од Македонија и била во транзит кон европскиот пазар.