Граѓаните без вода – Коцев: Дефектот на една од штипските главни водоводни линии ќе се санира за неколку часа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дотраените главни цевки за водоснабдување на штипските населби, кои се од десната страна на реката Отиња се причина за големиот дефект и сувите чешми, изјави на денешната прес-конференција директорот на ЈП „Исар“, Здравко Коцев.

Очекува дека овој голем дефект ќе се санира за неколку часа, а вчера без вода за пиење остави поголем дел од жителите на градот Штип. Појаснува дека дефектот е откриен, вчера околу 18 часот, кога од штипската Филтер станица почнало да се дистрибуираат неверојатни 600 литри во секудна. Тоа им било аларм за голем дефект, а неколку часа им било потребно да го најдат низ непристапниот терен.

-Кога го пронајдовме, тука имаше распукнато цевки, кои се стари повеќе од 50 години, што значи дека ова е толку многу дотраено, што веќе мора и да се замени. Потрошувачката на вода беше толку многу голема, 600 литри во секунда, со што за кратко време Филтер станица се испразни и со други зборови не можеше да го снабдува градот со вода за пиење, вели Коцев.

Апелира граѓаните да се трпеливи, бидејќи станува збор за голем дефект, а екипите работат на негово санирање. Откако ќе завршат постепено ќе се пушта водата до населбите, со цел да не се појават и други проблеми во водоводната мрежа. Штипското комунално претпријатие „Исар“, со цистерна обезбедува техничка вода за жителите од населбите, кои останаат без вода за пиење.