Вака изгледаше денеска Зелениот пазар во Тетово. Стотици граѓани со преполни торби со прехранбени намирници, зеленчук, овошје, се снабдуваа за наредните 85 часа колку ќе трае полицискиот час во земјата. И додека државните институции апелираат да се држи социјална дистанца, со цел спречување на Ковид-19, во вакви ситуации загрозени се и продавачите. Велат дека затворањето на пазарот секој четврток, кога е пазарен ден во Тетово и отворање во одредени часови, создава можност повеќе луѓе да се собираат на едно место.
Но, од општина Тетово, велат дека поради новите случаи регистрирани оваа недела во Тетово, е потребно граѓаните да бидат повнимателни.
„Проценката е дека имаме тренд на пораст, што апсолутно уште еднаш нѐ потсетува дека треба голем ангажман и исклучително внимание од сите нас, за да се заштитиме меѓусебно од вирусот.“, вели Теута Арифи.
Општина Тетово пред пет недели го укина пазарниот ден, но и покрај тоа, снимките покажуваат дека оваа мерка претставува опасност за граѓаните.
