Додека постои едногласното одлучување во Унијата, треба да се прашате дали членството ви е најважно или постојат и други нешта кои можат да ве направат успешни, истакна хрватскиот претседател Зоран Милановиќ кој е во посета на земјава. Милановиќ кажа дека на претседателката Гордана Силјановска Давкова и дал совети, потенцирајќи дека советите што на Македонија и ги даваат соседите, меѓународната заедница и Европската Комисија не се секогаш паметни.
„Не се сите тие совети паметни и корисни за вас, затоа ги примајте ги со доза на резерва и работете по свое. Вие сте тие кои ќе одлучите што ви е важно. Само немојте да бидете жртви на било каква уцена или изнуда, кога е во прашање вашето членство во ЕУ“, изјави претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ.
„Нашите проблеми се врзани, иако е многу чудно, за историјата, за перцепцијата на културата, па дури и за јазикот – нешта за коишто не се разговара и преговара, но да повторам, мислам дека ветото ќе предизвика и понатаму проблеми“, изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Хрватскиот претседател Милановиќ кој често знае да го критикува Брисел, но и работата на хрватската Влада, беше прашан и за воената соработка која Загреб неодамна ја воспостави во Приштина и Тирана. Тој не одговори конкретно дали Македонија треба да се приклучи.
„Тоа е Декларација на волја на одреден начин, без никакви конкретни и материјални меѓународно-правни последици. Тука е една членка на НАТО, тоа е Хрватска, мојата земја, мојата татковина. Втората, Албанија е исто членка на НАТО, а третата е Косово, за нас драга и пријателска држава, но за жал не е признаена од сите земји-членки на ЕУ и НАТО и не е примена во ООН. Па така, да сум Македонија, да ја претставувам Македонија, за тоа воопшто не би размислувал, тоа не е меѓународен договор“, изјави претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ.
Милановиќ нагласи и дека членството во Унијата има негативни, но и позитивни страни, потенцирајќи го пристапот до европските фондови, за кои сепак ги искритикува хрватските власти за начинот како ги трошат парите.
