Ова е решението за уривањето на крстот на Попова Шапка, што општина Тетово, поточно документот што општинскиот инспекторат го достави до Православната црква врз основа на записникот од 16 ноември 2023 година. Меѓу другото, во решението се наведува дека „констатирано е дека субјектот нема одобрение за градба“. Отстранувањето, како што понатаму стои во одлуката, мора да започне веднаш по примање на одлуката за отстранување на крстот и во рок од пет дена.
Претседателот на Советот на општината Бесар Дурмиши вели дека како оваа одлука има повеќе од 5.000 за неовластени објекти. Според него, ДУИ и СДСМ се обидуваат да поттикнат етничките и верските тензии.
„Општина Тетово ќе ја третира оваа градба како и сите други дивоградби. Игрите што ги играат ДУИ, СДСМ и ВМРО се нивна медиумска пропаганда за добивање политички поени. Додека ДУИ и СДСМ, во недостиг на капитални проекти или во неостварување на својата четиригодишна програма, бидејќи се при крај на мандатот, се обидуваат да тактизираат со вакви игри кои поттикнуваат меѓуетничка и верска омраза, што предизвикува да се поттикне омраза меѓу граѓаните“, вели Бесар Дурмиши.
СДСМ пред неколку дена ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и Беса дека поттикнуваат меѓуетничките тензии со поставувањето на крстот на Попова Шапка и побараа поништување на одлуката за уривање, порачувајќи дека Советот и општината треба да се занимаваат со поважни проблеми. Од друга страна, пак, го обвинија секретарот на општината Дарко Коцевски дека има удел во оваа игра. Но, тој реагираше дека како секретар на општината нема ингеренции врз инспекторатот.
„Сакам да потенцирам дека како секретар на Општина Тетово, немам ниту донесено ниту потпишано било какво решение за отстранување на Крстот во дворот на Манастирот на Попова Шапка. Воедно сакам да разјаснам, дека јас како секретар на општината ниту имам овластувања ниту ингеренции да донесам такви управни акти согласно Законот за инспекциски надзор, туку овластените градежни инспектори се самостојни во своето постапување“, порача Дарко Коцевски.
Крстот на Попова Шапка беше поставен на 16 ноември. Тогаш се одржа вонредна седница на општинскиот совет, каде од ДУИ и СДСМ ги обвинија Беса и ВМРО дека имаат договор за поставување на крстот, а од општина Тетово велеа дека не се вмешани во поставувањето на крстот.
