Тажно е кога Европската заедница за енергетика не опоменува дека „сме ја изеле резервата“ и дека во балансот претеруваме. Имаме капацитет за домашно производство, па дури и да извезуваме во летните месеци или да ја заштедиме за во зима, а трите блока на РЕК Битола не работат – вели економистот Горан Рафајловски за ТВ21.
„Што е тоа следење на ситуација без да се има план. А планот требаше да се има пред три месеци, пред четири месеци. Зарем не знаеја дека ќе имаме вакви поскапувања на струјата? Точно знаеја. Точно знаеја и во енергетиката, точно знаеше и ЕВН ако го прашате и другата компанија што тргува со струја, зошто не беа консултирани или пак не алармираа?“, вели Горан Рафајловски.
Денеска во Влада имаа состанок сите енергетски компании со вице- премиерот за економски прашања. До крајот на неделава има најава за договор за набавка на 300 тони јаглен од Косово. Од 15-ти ноември почнува со работа РЕК Осломеј, а од денеска и втор блок во РЕК Битола.
„Имате сериозен проблем ако имате најава. Тоа значи дека дури сега се прави план како да се направи тоа и кога ќе стаса и дали ќе го најдете. Вие знаете дека во моментов и пченица и пченка ако сакате да побарате дека скоро не можете да ја најдете, дека однапред ја имаат откупено големите земји како Кина. Стварно не можам да разберам да држите некој ресор, го работите, а да не можете да предвидите што ќе ви се случува“, посочи Горан Рафајловски.
Рафајловски смета дека светот многу брзо се насочи кон екологија без да направи баланс помеѓу производителите на електрична енергија и создавањето од нечиста кон чиста енергија. Концепцијата да се заштити Планетата Земја е извонредна, но треба да се има бекап за да може тоа да се реализира. Затворањето на термоелектраните и на дел од нуклеарните постројки и неградењето на нови според него доведе до некотролиран раст на цената на електричната енергија.Земјава во август годинава вкупно потрошила 586.691 мегават часови електрична енергија, 36.924 милиони нормални кубни метри природен гас, 413.040 тони јаглен и 112.231 тон нафтени продукти. Според податоците на Државниот завод за статистика, 88.7 отсто од потрошената електрична енергија е од домашни извори, а 97.12 отсто од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на струја.
