МВР има оперативни информации за тоа каде е екс вицепремиерот Артан Груби кој се бара со потерница, а за кого се тврдеше дека е избеган во Албанија. Ова го изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Клик Плус на ТВ21, кој вели дека е стапено во контакт со надлежните служби на земјата. Во однос на истрагата за пронаоѓање на Груби, Тошковски неодамна истакна дека МВР ќе преземе и други мерки за пронаоѓање на лицата кои се недостапни за органите на прогонот.
-Станува збор за оперативни информации на оперативно ниво кои што ги добиваме и соодветно ги споделуваме со сите надлежни органи во рамки на други држави кои што, да речеме, имаме оперативни информации дека предметните лица се наоѓаат таму каде што сме ги добиле информациите. Но нема на ниво на официјална информација дека одредено лице е таму и таму и истото е достапно на органи на прогон во таа и таа држава се уште нема, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Неодамна имаше силни реакции во јавноста откако Сашо Мијалков беше снимен во Монте Карло како излегува од луксузно ферари вредно околу 700 илјади евра, додека предметите во земјава му застаруваат. За враќањето на пасошот на Мијалков, Тошковски прстот го впери во судиите.
–Искрено да ви кажам срам ми е кога го прочитав она соопштениено на судот. Замислете сега судот вели по донесено решение од страна на судија, надлежното известување го доставиле до надлежното Министерство. Па сега кого замајуваат сега, македонскиот народ, македонските граѓани, кого го замајуваат? Решение за враќање на пасош носи судот. Па ја не знам како не му беше срам тој што го пишуваше тоа соопштението, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Во однос на издавањето дозволи за оружје Тошковски се пожали и на лошата соработка во размената на информации со Јавното обвинителство и Кривичниот суд. Деновиве за ова беше потпишан и меморандум за соработка.
-Нели е срамота во 2025 година Министерството да комуницира со судот преку гулаб, еве така да кажам, со хартија по пошта, нели е срамота? Нели е срамота во 2025 година Министерството да комуницира и да не споделува дата на податоци кои што ги има со Јавното обвинителство, нели е срамота? Нели е срамота во 2025 година да не ги споделуваме базите на податоци кои што ги имаме меѓуинституционално. Па ние за кого работиме? – изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Иако граѓаните претходно брзаа да извадат нови лични карти, министерот Тошковски, рече дека нема потреба од такво нешто и дека ќе важат и оние со старото уставно име на кои не им е истечена важноста, бидејќи како што појасни за нив нема донесено одредба во законот. Сепак ова не важи за возачките дозволи и од први јануари оние со старо уставно име не важат.
