Имаше ли ефект есенската кошница? – СДСМ критикува: Тоа е измама на Владата, Мицкоски вели, подобро е од ништо

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Опозициската СДСМ обвинува дека намалувањето на маржите е голема измама на Владата бидејќи голем дел од цените не се намалени, некои пак се минимално а за некои производи цените дури и се зголемени. Освен кампањата со налепници загарантирана цена ништо друго не е променето велат социјалдемократите и според нив ваквите мерки ги штити трговците, а не граѓаните.

„Во октомври, синдикалната кошничка е намалена за само 57 денари во споредба со претходниот месец. Тоа е заштедата за граѓаните за еден месец од мерките на Мицкоски. Денес, на едно четиричлено семејство му се потребни 61.249 денари за основните потреби во месецот, додека просечната плата падна за 1.000 денари откако Мицкоски стана премиер. Овие индикатори покажуваат дека животниот стандард на граѓаните драстично опаѓа и дека имаат сè помалку пари во џебовите“, вели Богданка Кузеска.

Изминативе денови и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска рече дека оваа мерка со есенската  кошничка не дава особени резултати бидејќи трошоците се намалени за 900-тини денари,а воедно и тешко може да се контролира дали се почитува. Премиерот Мицкоски вели дека и тоа е добро во однос да нема никаква корекција.

„Не е доволно ни 9 илјади но е повеќе од нула. Не е доволно ни 9 илјади, но математички ако гледаме повеќе е од нула, а подобро е да е намалено отколку да е зголемено како што беше случајот до пред неколку месеци. Имаме ист раст на платите а имаме инфлација која што е за 10 пати намалена и навистина сега треба да се признае дека тоа е успех, чиј не е важно, но е добро и тоа е охрабрувачки индикатор и јас го поздравувам“, порача Христијан Мицкоски.

Барањето на опозицијата за зголемување на минималната плата на 450 евра за кое веќе тие поднесоа законски измени во Собранието, Мицкоски вели дека ставот на Владата не е да ги зголеми платите и со тоа да ја зголеми и инфлацијата.

„Нашиот пристап како Влада се темели на стимулирање на инвестиции кои што ќе ја зголемат продуктивноста, а со зголемената продуктивност ќе имам поголемо производство а со големо производство ќе има поголем бруто домашен производ. Тоа е филозофијата на оваа Влада. Не е филозофијата на оваа Влада да ги зголеми платите 10 проценти а да ја качи инфлацијата 20 проценти и практично платите да бидат безвредни“, вели Христијан Мицкоски.

Инаку, владината мерка за ограничување на маржите завршува на крајот на месецот, но се најавува дека ваква мерка но со други производи се планира за новогодишните празници.