Инцидентот со Пендиков изрежирано сценарио – Спасовски: Луѓе од иста групација се и оние кои тепаат и оние кои се тепани

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Инцидентот со претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб во Охрид Христијан Пендиков е сценарио и е дел од хибридната војна, тврди министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Постојат елементи и во државата кои не посакуваат да сме членки на НАТО и Европската унија и сето ова се прави од политички интереси вели Спасовски.

„Ова што се случи како случка со Бугарија реков како повод е за да се нарушуваат односите е процес кој што го водат ретроградните сили и од Бугарија и од Северна Македонија.  Луѓе од иста групација се и оние кои што тепаат и оние кои што се тепани. Тоа ја докажуваа таа хибридна војна и секако дека секо инкриминирачко дејство кое што се прави државата реагира во овој дел“, вели Оливер Спасовски.

Ваквото сценарио секако најмногу им оди во прилог на бугарските политички партии, откако таму веќе е започната предизборната кампања. Тоа го потврдува и Весела Чернева, советничка за надворешна политика на поранешниот премиер Кирил Петков. Според неа, повлекувањето на бугарскиот амбасадор од Скопје претставува несоодветен гест, бидејќи такви чекори се преземаат во исклучителни ситуации.

„Во последните месеци е видливо зголемување на тензиите во меѓусебните односи, додавајќи дека ваков тип на ескалации има секогаш кога ќе замириса на избори. Оваа ситуација почнува да ми изгледа како намерна. Многу е лесно да се предизвика надолна траекторија во билатералните односи. Тешко е спротивното, да се создаде амбиент во кој нема да се случуваат такви работи“, додава Весела Чернева.  

Како ден со посебен висок ризик се смета одбележувањето на 151 годишнина од раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје, на кој веќе е најавено дека ќе пристигнат бугарски државјани. Неофицијално се подготвува блокирање на патиштата за да се оневозможи нивно доаѓање. Министерот Спасовски повика да нема никакво блокирање, додека техничкиот министер за надворешни работи на бугарија Николај Милков најави дека ќе испрати нота до Скопје со барање да се гарантира безбедноста на Бугарите кои на 4 февруари ќе одат да го посетат гробот на Делчев.

„Нема никаква потреба од било какво организирање на граѓаните за блокади на патишта, ноќни стражи и било што друго. Зошто, заради тоа што тука се институциите на системот на оваа држава. Апсолутно нема да дозволам како министер за внатрешни работи понижување на македонскиот народ и на македонските граѓани. Во никој случај и од било кого. Најмалку да не понижи некој кој што доаѓа од надвор“, порача Спасовски.

Но каква ќе биде одлуката за тоа дали ќе му се дозволи влез на Ангел Џамбаски во земјава за кој веќе претседателот на државата побара да биде прогласен за персона нон грата. Спасовски го повтори ставот и рече дека за тоа ќе се одлучи на самиот ден.