Иран во четвртокот предупреди дека Ормускиот Теснец е недопирлива „црвена линија“, заканувајќи се дека ќе возврати доколку американскиот претседател Доналд Трамп го реализира предупредувањето за напади врз иранската инфраструктура.
Од Техеран порачаа дека во таков случај ќе бидат погодени инфраструктурни цели низ целиот регион на Персискиот Залив.
САД продолжија со воените операции и во петтата ноќ од ескалацијата, а повторно ја воспоставија и поморската блокада на иранските пристаништа. Вашингтон тврди дека целта на овие активности е повторно отворање на Ормускиот Теснец, кој Иран го затвори минатата сабота по пропаѓањето на кревкото примирје.
По нападите во средата вечерта, главниот преговарач на Техеран, Мохамад Багер Галибаф, изјави дека Иран се наоѓа во „суштинска и егзистенцијална војна“ со САД.
Портпаролот на иранската армија, бригадниот генерал Мохамад Акраманија, изјави дека Ормускиот Теснец, низ кој пред конфликтот минувала околу една петтина од светскиот транспорт на нафта и гас, претставува стратешка точка над која Иран има силна контрола.
„Американците мислеа дека со напади врз некои од нашите бази на јужниот брег можат да ја преземат контролата врз овој стратешки теснец“, изјави Акраманија.
Тој додаде дека Иран има можност да влијае врз контролата на Ормускиот Теснец од различни точки на својата територија и дека тоа не зависи само од крајбрежните области и островите.
„Исламската Република Иран има способност да ја контролира ситуацијата во Ормускиот Теснец од која било точка на својата територија“, порача иранскиот генерал.
