Исмаили: Албанците надвор од безбедносните институции – министерство за одбрана: Кандидатите не ги исполниле критериумите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поранешната заменик-министерка за одбрана, Елфете Исмаили, ја изнесе загриженоста за исклучувањето на Албанците од безбедносните институции. Таа истакнува дека на последниот курс за офицери се избрани 16 кандидати, сите Македонци, без ниту еден Албанец.

-На курсот за офицери пред околу еден месец се избрани 16 кандидати, сите Македонци, без ниту еден претставник на Албанците. Во дипломатските мисии, истата исклучувачка логика продолжува: во Брисел-НАТО нема Албанци, во Берлин е заменет еден Албанец аташе со Македонец; во Анкара друг Албанец е заменет и неговото место го зазема претставник од друга националност, изјави Елфете Исмаили, поранешна заменик министерка за одбрана.

За ова прашавме во Министерството за одбрана, од каде што ни одговорија:

-Од вкупно 131 кандидат пријавени на конкурсот, 11 биле од албанска етничка припадност, од кои двајца биле примени (едниот од нив се повлекол по своја волја), додека останатите не ги исполниле критериумите предвидени во огласот. Исто така, нагласуваме дека за некои од службите наведени во конкурсот нема ниту еден пријавен кандидат, велат од министерството за одбрана.

Од министерството уверуваат дека при примањето на кандидатите за секој оглас на Министерството, целосно се почитуваат критериумите предвидени и точно определени. Според овие критериуми, поради потребата за пополнување со соодветен кадар, причина поради која и постојат правилниците, Министерството не прави никакви исклучоци, велат од таму.