На 6 мај, градоначалничката на Тетово, Теута Арифи на својот профил на Фејсбук, најави дека на булеварот „Илирија“ почнале да се поставуваат клупи и канти за отпадоци. Според Арифи, со поставувањето на осветлувањето и паркинг-места за велосипеди, граѓаните ќе добијат модерна зона во центарот на градот. Но, она што го привлекува вниманието е тоа што градоначалничката воопшто не ги спомнува фонтаните со вода за пиење и металните штитници за стеблата на дрвјата, кои самата ги најавуваше како дел од проектот за булеварот.
Вака изгледаше презентирањето на булеварот на 17 март 2017 година.

„Станува збор за уредување и јавен простор на површина од 15.000 метри квадратни, каде освен патеките и жардињерите, ќе бидат поставени и вкупно 73 столбови за јавно осветлување, 12 фонтани со вода за пиење, 75 метални штитници за стеблата на дрвјата, 22 канти за отпадоци, 32 конструкции за паркирање на велосипеди и 233 дрвени клупи за граѓаните“, рече градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.
Сега, на прашањето на ТВ21 – дали ќе бидат изградени фонтаните, како што беше ветено, Арифи уверува дека сѐ ќе биде реализирани согласно проектот.
„Ова е булевар кој има своја програма. Поголемиот дел од реконструкцијата заврши. Сега сме до делот на поставување на урбаната опрема, кој е финален дел. Согласно комуникацијата што ја имаме со компанијата, и имајќи предвид дека поставувањето веќе започна, во прашање се недели да заврши.
-Дали ќе бидат изградени и 12 фонтани кои беа најавени на почетокот?
-Како што е проектот, така ќе биде и реализиран, зависно од тоа каков беше проектот на почеток“, додаде Арифи.
Општина Тетово во 2016 година распиша тендер тежок 53 милиони денари со ДДВ, кој замина во рацете на компанијата ИР Груп на јавен повик, која пак со работа започна во 2017. Општина Тетово потоа го измени проектот и побара бекатон-плочките наместо еднобојни, да бидат шарени, по што објави нов тендер во вредност од 17 милиони и 830 илјади денари. Овој проект повторно го доби компанијата ИР Груп на 12 септември 2017.
