Истрагата за Кочани проширена со полицајци, тврделе дека кабарето ги исполнува условите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Полициски службеници од Кочани и Штип не постапувале по прописите за мерки за заштита, смета Обвинителството, кое ја прошири истрагата за трагедијата во Кочани. Опфатени се десет полицајци, за дејствија од 2012 до 2022 година. Дел од нив, претежно поранешни началници и инспектори, до Министерството за економија тврделе дека објектот поседува елаборати за заштита од пожар и нема пречки за јавниот ред и мир и сообраќај.

„…Не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за издавање лиценца за Кабаре „ПУЛС“, во делот на безбедноста во сообраќајот и јавниот ред и мир. Со издавањето на согласностите сите заедно му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност, иако истото не ги исполнувало предвидените услови.“, велат од ОЈО.

Обвинителството побара мерки за претпазливост за седум од десетте осомничени полицајци, зашто тројца веќе биле во притвор. МВР трага по еден полицаец од Штип, кој засега не е достапен. Инаку, за акцијата, вчеравечер во интервју за Телма, прв информираше државниот обвинител Љупчо Коцевски.

„Истрагата во моментов се проширува уште за седум полициски службеници.“, рече Коцевски.

Дел од медиумите, повикувајќи се на полициски извори, утрината објавија дека Коцевски во интервјуто ја компромитирал акцијата, поради што по еден од полицајците сè уште се трагало. Сепак, МВР го одбрани Коцевски.

„МВР во целост ги демантира дезинформациите објавени во дел од порталите за наводно нарушување на вчерашната акција од страна на јавниот обвинител Љупчо Коцевски.“, велат од МВР.

Државниот обвинител истакна дека се испитува и што точно правеле и какви дејствија презеле полицајците во кочанската дискотека ноќта кога избувнал пожарот. Тие таму биле присутни поради акција за борба против наркотици.

„Сè уште Јавното обвинителство прибавува докази зошто отишле, по чиј налог отишле и што презеле кога се случил пожарот.“, рече Коцевски.

На 19-ти минатиот месец, беа приведени седум полициски службеници од Кочани и Штип и за нив беше изречена мерка притвор. Според Обвинителството, тие се сомничат дека потпишувале и давале позитивна согласност за издавање на лиценца за работа на „Пулс“, иако клубот воопшто не ги исполнувал условите.