Изгласана потребата за законот за јавно обвинителство – опозицијата со критики, сметаат дека тој воопшто не е реформски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Новиот закон за Јавно обвинителство кој е дел од реформската агенда го помина првиот собраниски филтер. Министерот за правда Игор Филков образложувајќи го законот пред пратениците рече дека со него поефикасно се уредува организацијата и надлежностите на јавнообвинителскиот систем на земјава кој е усогласен со европските стандарди. Воедно тој посочи дека се менува начинот на избор на државниот јавен обвинител и се воведуваат појасни правила за избор и оценување на обвинителите.

„Со новиот закон воведуваме јасен мерит систем за избор, унапредување и оценување на обвинителите. Ги зајакнуваме гаранциите за нивната самостојност и прецизно ги ограничуваме условите под кои може да се даваат задолжителни писмени упатства. Со законот се воведуваат низа решенија со кој се подобрува функционирањето на Обвинителството“, вели Игор Филков.

Но од опозицијата излегоа со критики. Велат дека овој закон е најмалку реформски особено поради тоа што му се дава силна хиерархија на државниот обвинител и на тој начин се урива независноста на јавнообвинителската служба.

„Таков еден обврзен систем во кој целата концентрација на моќ е ставена во рацете н државниот јавен обвинител ги доведува во подредена состојба сите јавни обвинители и оние јавни обвинители кои се на чело на обвинителствата. За жал ние ќе имаме едно Јавно обвинителство во кое оние кои се и малку посмели обвинители многу лесно можат да бидат дисциплинирани и да ги доведеме во ситуација да не носат одлука, особено, кога тоа нема да и се допаѓа на власта“, вели Соња Мираковска.

Пратениците од мнозинството пак со став дека овој закон е добра основа за воспоставување систем кој конечно треба да профункционира. 

„Мора да почнат конечно јавните обвинители да одговараат за својата работа бидејќи јавните обвинители во претходните закони не одговараа и правеа што сакаат. И таа нивна наводна независност е всушност правење на систем во кој што тие се над сите возможни закони и не прават ништо во принцип“, вели Малиша Станковиќ.

Законот за јавни обвинители пред да оди на натамошна постапка ќе се одржи јавна расправа на која ќе дебатираат експерти и професори од оваа област а кои ќе бидат предложени од сите пратенички групи.