Еден трособен стан целосно изгоре, а повеќе станари побарале медицинска помош поради вдишан чад во пожар што денеска околу 12 часот и 30 минути избувна во станбениот комплекс 87 на булеварот „Илинденска“ во Тетово.
Од оган беше зафатен стан на вториот кат од четиркатница, а чадот се раширил низ сите станови.
Територијалната противпожарникарска единица Тетово интервенираше со три возила и девет пожарникари.
– Освен што го изгасивме огнот, направивме и евакуација на дел од станарите. Чадот ги зафати сите станови, а поради огнот целосно е уништен еден стан од три соби на вториот кат. Спречивме да се прошири огнот во другите станови, изјави Ука Алити, командант на тетовските пожарникари.
Една жена е однесена со возило на Итната медицинска помош во болница за интервенција.
