Јаневска за платите на наставниците – ново покачување во март 2027-ма година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерката за образование, Весна Јаневска, вели дека затворањето на одредени училишта е последица на намалувањето на бројот на ученици и оптимизацијата на училишната мрежа. Таа информираше дека оваа година се запишани околу 3.000 првачиња помалку, додека од 1 септември привремено се затворени 26 подрачни училишта. Во новата учебна година ќе има и 433 паралелки помалку, поради спојување на одделенија со мал број ученици.

Јаневска истакна и дека се преземаат мерки за модернизација на образованието, вклучително и промени во наставните програми и капитални инвестиции за подобрување на условите во училиштата.

„Не можеме да очекуваме резултати од денес за утре. Резултатите од она што го правиме денес во образованието ќе дојдат најрано по пет-шест години, а оптимално по девет до десет години.“, рече Весна Јаневска.

Во однос на зголемувањето на платите на наставниците, таа и денес истакна дека новото зголемување ќе биде во март 2027 година и дека тоа е сигурно, согласно договорот постигнат со СОНК.

„Во однос на платите на наставниците, знаете дека со СОНК склучивме договор со кој им го гарантираме зголемувањето на платите на наставниците, нешто што сметам дека е исклучително важно.“, вели министерката Весна Јаневска.

Министерката за образование, Весна Јаневска, изјави дека во земјата се реализираат реконструкции, проширувања и изградба на нови училишни објекти и спортски терени, согласно приоритетна листа.

Според неа, климатските промени не треба да го попречуваат наставниот процес, но училиштата треба да ги почитуваат протоколите и да го приспособат наставниот процес во согласност со временските услови.