Јапонија испраќа војска на север од земјата поради напади од мечки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Јапонското Министерство за одбрана денес испрати војници на север од земјата за да помогнат во спречувањето на бранот напади од мечки.

Во северната префектура Акита, мечките се појавија во близина на училишта, железнички станици, супермаркети, па дури и спа-центар, а Јапонците низ целата земја пријавуваат секојдневни напади.

Според податоците од јапонското Министерство за заштита на животната средина, мечките повредиле повеќе од 100 луѓе од април, претежно на северот од земјата, а убиле најмалку 12 лица.

„Секој ден, мечките ги напаѓаат станбените области во регионот и нивното влијание се шири. Реагирањето на проблемот со мечките е итно прашање“, рече заменик-главниот секретар на кабинетот Фумитоши Сато.

Министерството за одбрана и префектурата Акита денес потпишаа договор за распоредување војници, со кој им се дозволува на војниците да поставуваат стапици за храна, да транспортираат локални ловци и да помагаат во закопувањето на мртви мечки. Војниците нема да користат огнено оружје, соопштија официјални лица.

Министерот за одбрана Шинџиро Коизуми вчера изјави дека целта на мисијата против мечките е да се помогне во обезбедувањето на секојдневниот живот на луѓето, но дека Силите за самоодбрана не можат да обезбедат неограничена поддршка во борбата против нападите на мечките. Тој потсети дека нивната примарна мисија е националната одбрана и дека веќе немаат доволно човечка сила.

Експертите велат дека стареењето и намалувањето на населението на Јапонија во руралните области се некои од причините зошто мечките се селат во населбите.