Јотова: Документите не може да се допишуваат – Димитровски: Загриженоста е поради Историската комисија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бугарија не поставува дополнителни услови на патот на Македонија кон ЕУ, уверува бугарската потпретседателка Илијана Јотова. Според неа, билатералните односи меѓу двете држави не се пречка за евроинтегративниот пат, туку во суштината е исполнувањето на европските критериуми од францускиот предлог.

„Ние продолжуваме да сметаме дека не се заштитени правата на Бугарите во Република Северна Македонија. Оваа рамка е европски документ, колку и да има обиди да се претстави како да е прашање од билатерален карактер, ова е веќе европски документ кој треба да се запазува, тој не може да биде допишуван, отпишуван или оддалечуван“, изјави Илијана Јотова, потпретседателка на Бугарија.

Заменик министерот за надворешни работи Зоран Димитровски ја поздрави изјавата на Јотова дека Бугарија нема дополнителни услови, но тој вели дека проблемот е во веќе постоечките барања. Според него, загриженоста не е поради внесот на Бугарите во Уставот.

„Она од што се плашиме е дека нашиот пристапен процес кон ЕУ ќе биде целосно билатерален и ќе зависи од резултатите од работата на Комисијата за историски и образовни прашања“, вели Зоран Димитровски, заменик министер за надворешни работи.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос, на форумот на европските либерали посветен на Западниот Балкан, истакна дека актуелните европски политичари разбираат дека проширувањето носи мир и ги повика земјите-кандидатки да побрзаат.

„Ние работиме на забрзување на преговорите колку што е можно повеќе и веќе гледаме напредок, кој ќе беше незамислив пред само неколку години. Порано неделава отворивме уште едне преговарачки кластер со Албанија“, изјави Марта Кос, еврокомесар за проширување.

Неодамна Кос најави дека ќе зборува со политичарите од Македонија за евроинтегративниот пат, откако ќе се сретне со бугарскиот државен врв. Премиерот Росен Жељазков изјави дека европската иднина на Западен Балкан е гаранција за мир и кажа дека проширувањето е и бугарски интерес.