Георгијевски: Како може лиценца со рок од 1 година да биде виновна за трагедија по 13 години?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бранителот Даниел Георгијевски истакна дека обвинението против поранешниот министер за економија е правно и фактички неиздржано.

Во 2012 година, Министерството за економија издалo лиценца за угостителска дејност – кабаре, на ул. Димитар Влахов во Кочани, која е сосема различна од објектот на ул. Крижевска каде се случил пожарот во 2025 година. Лиценцата била со рок од една година, и не може да се поврзе со трагедијата која настапила 13 години подоцна.

„Министерството не издало лиценца за објектот каде се случил пожарот. Различна адреса, различен објект, различен субјект – тоа е суштинска фактичка околност која обвинителството целосно ја премолчало“, рече Георгијевски.

Одбраната го оспорува и тврдењето дека министерот во 2012 година имал надлежности да спречи случување на пожарот, потенцирајќи дека документите и законската рамка од тоа време покажуваат дека постапката за издавање лиценци била ограничена на формални услови, а не на контрола на конкретни активности во објектите.

„Дали поранешниот министер требало 13 години по истекот на лиценцата да го спречи вметнувањето пиротехнички средства во објектот и влез на 600 луѓе? Јасно е дека нема никаква врска“, нагласи Георгијевски.

Бранителот додаде дека концептот на „долгорочен каузалитет“, на кој се повикува обвинителството, не е применлив во кривичното право, бидејќи правото ја гледа непосредната, а не далечната причина за настанот.

„Лиценцата од 2012 година одамна престанала да важи. Пожарот се случил во сосема друг објект, со друг правен субјект, кој во меѓувреме бил реновиран. Одговорноста за трагедијата не може да се припише на министерот за економија кој не бил ангажиран во тој период“, заклучи Георгијевски.