Калас повика да се зграпчи моментот – Мицкоски убеден дека ЕУ ќе најде механизми да го добиеме заслуженото

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Високата претставничка на Унијата, Каја Калас најави дека ќе се ангажира со владите во Србија, Косово и Македонија за нивниот пат кон ЕУ. Таа е во посета на трите земји и од Белград порача дека Западен Балкан треба да работи на исполнување на целта за обединета Европа.

„Јас сум целосно посветена да ги охрабрам сите земји од Западен Балкан навистина да го зграпчат постоечкиот момент кој го имаме за проширувањето. Да, овој процес се одвива подолго време, но секогаш има политички моментум и овој политички моментум е токму сега. „Обединета Европа“ е визија за која сите мора да работиме заедно“, изјави Каја Калас, висока претставничка на ЕУ.

Калас утре пристигнува во Скопје на средба со премиерот Христијан Мицкоски. Прашан за очекувањата, премиерот истакна дека тој ќе бара начини за деблокада на евроинтегративниот процес. Според него, треба да се гради доверба со Бугарија и тој нема проблем за уставните измени, но има проблем, како што додаде, да прифаќа ултиматуми.

„Убеден сум дека ќе се изнајдат решенија, ќе изнајде и механизми Европската Унија и Македонија ќе го добие заслуженото место да биде дел од таа маса, бидејќи одамна тоа го заслужуваме“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Претходно, претседателката Гордана Сиљановска Давкова најави дека е можно под покровителство на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, таа да се сретне со бугарскиот колега Румен Радев за разговор на темата. Дополнително, за медијација се пријавиле и Австрија и Обединетото Кралство. Инаку, Калас во Скопје ќе учествува и на дијалогот за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Македонија.