Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, кој скоро 100 дена е на чело на општината, во емисијата Клик Плус фрли сомнежи за злоупотреба на општинскиот буџет за интересите на членовите и симпатизерите на ДУИ.
„Има ситуација со 2 господа, сопственици на ресторан во УЈИЕ, сопственикот и директорот, кои за фактура за ручек, тоа не го претпоставувам, оценете вие дали тоа било ручек на ДУИ или на општината! Што било тоа ќе треба да докажат во обвинителство. Фактурата е некаде над 80 илјади денари, околу 1200 – 1300 евра и за кои овие двајца господа имаат договор на дело со општина Тетово и самите покажуваат дека не направиле ништо за општина Тетово“, вели Касами.
Касами исто така изјави дека функционери на ДУИ бесплатно се паркирале во Тетово.
„Според информациите со кои располагам, можно е да има уште подолг список со функционери на ДУИ, чиј регистарски таблички биле евидентирани во претпријатието за паркинзи. Тие можеле да се паркираат насекаде низ Тетово и затоа јас го најдов претпријатието со 200 илјади евра долг“, рече Касами.
Во врска со овие тврдења на Касами, од ДУИ кратко одговорија:
„Биљал нека ја реализира ветената програма пред граѓаните и да не ги оправдува неговите неуспеси со секојдневно претставување на неспособноста да менаџира и управува со Тетово“, велат од ДУИ.
Вчера во Клик Плус, градоначалникот на Тетово истакна дека списокот на злоупотреби на општината е многу подолг од тој што може да ги објави и како последица на тие злоупотреби општината тоне во долгови.
