Работата на парламентот беше нарушена со политичка поларизација што го одложи усвојувањето на многу закони.
Ова се наведува во главната забелешка на Европската комисија која порача и дека е потребно да се имплементираат препораките од дијалогот Жан Моне без одложувањето. Колку и да звучи отворено и без ракавици, сепак во Извештајот имаше дипломатски речник за работата на Собранието, бидејќи атмосферата кај пратениците беше далеку од пристојна.
Главните актери во кавгите беа претседателот на Собранието Талат Џафери со координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски. Уште на самиот старт на годината блокадата на собранието ја вжешти атмосферата.
„Ако блокадата на Собранието ви значи национален спас ова ќе го ценат граѓаните кои што не донесоа овде и ќе го ценат граѓаните чиј дом е ова. А ова не е ни мој ни ваш дом, ова е дом на граѓаните. Ако мислите дека така, продолжете така активно да блокирате“, порача Талат Џафери.
„Ќе бидеме активно вклучени тука и активно нема да ви дозволиме вакви криминали од огромни размери кои што ќе треба обвинителството да ги испитува да поминат на мала врата. Ќе биде опозицијата присутна активната блокада ќе ја имате“, додаде Никола Мицевски.
Но она што се чини беше скандалозно е протечената снимка во која се слуша како претседателот на Собранието Талат Џафери им се обраќа со висок тон на собраниските служби и ги навредува.
„Сите од служба, конкретно седници, веднаш кај мене. Покрај седници сите позади што седат, сите до еден. Вие што сте на плата, и уште си е…. мајката овде“.
„Ајде бегај. Бегај таму. Бегај. Сус бре, да ти е…..“
По ова опозицијата побара интерпелација на Џафери, која што до денеска не дојде на дневен ред на расправа. Во образложението покрај овој скандал наведе и дека претседателот на Собранието им ја заклучува вратата во салата. И да не биде само Џафери, скандал изби и со претседателот на Комисијата за европски прашања Арбр Адеми, кој кршеше и фрлаше со шишиња.
А старите ривали Џафери и Мицевски ја продолжија серијата жестоки кавги. Мицевски, дури го нарече и невоспитан.
„Седи на свое место, ќе бараш збор од таму“.
„Немој да претеруваш сега“
„Оди си на свое место и оттаму ќе бараш збор. Зошто викаш. Оди седи на свое место и не викај. Што сум ги минал сите граници?“
„Оди седи на свое место. Седете на свое место. Никола Мицевски седи на свое место и од таму ќе бараш збор. Се додека стоиш надвор од своето место што и да побараш не можеш да добие. Не си ти војник ти си пратеник. Оддалечи се од мене. Оддалечи се од мене. Не сум те повикал. Седи на свое место затоа што имаш микрофон таму“.
„Срамота е ова што го правиш не сме дома кај тебе. Четириесет и кусур пратеници седат од оваа страна не може да се однесуваш вака. А не е твоја работа дали седат или стојат. Во име на тие 40 пратеници имаат координатор. Ти не си тука мене да ми речеш. Да си го собереш мнозинството“.
„Не покажувај со прст“.
„Не покажувам на тебе со прст. Абе немој сега прст, прст, немој да ми кажуваш приказни. Се однесуваш тука, да не речам како некој погрден збор, како невоспитан на говорница. Тебе ти се обраќам. Тебе ти се обраќам…“
Сепак на крајот на годината, Џафери во новогодишната честитка порача дека треба да се работи на обединување на општеството.
