Кога паѓа снег, народот вели дека тој „ги убива вирусите“ и дека воздухот се прочистува, но што велат експертите?
„Мислам дека во тоа има вистина, не само за вирусите, туку и затоа што средината во Скопје е многу загадена, а снегот ги отстранува и ситните честички. Така што верувам дека состојбата со грипот малку ќе се смири, а и луѓето повеќе остануваат дома, немаат многу контакти со други лица, па се надевам дека ситуацијата барем делумно ќе се стабилизира“, вели Љулзиме Бајрами.
За разлика од претходните години, сезоната на грип оваа година започна порано и опфати поголем број заболени лица. Според епидемиолозите, моментално се забележува умерена активност на вирусот, но со подолготрајно времетраење од вообичаеното. Според прогнозите, пикот на грипот се очекува во средината на февруари, што значи дека бројот на случаи ќе продолжи да расте и во наредните недели.
Епидемиологот Љулзиме Бајрами им препорачува на сите граѓани вакцинација како една од најефикасните мерки за заштита од потешките форми на грип.
„ Како и секоја година, само што овој пат трае малку подолго. Можеби и имунитетот кај луѓето е ослабен бидејќи не се вакцинираат, но јас сметам дека акцентот мора да биде на вакцинацијата. Неопходно е да се вакцинираат, бидејќи единствената ефикасна заштита е токму вакцината“, вели Љулзиме Бајрами.
Симптомите најчесто се манифестираат со висока температура, кашлица, болки во мускулите и општа слабост, а повремено и со дијареја, вели Бајрами.
Епидемиолозите нагласуваат дека, иако моментално не станува збор за алармантно ниво, состојбата бара зголемено внимание, особено кај ризичните групи како што се децата, постарите лица и лицата со хронични заболувања. За утре се очекуваат најновите податоци за состојбата со грипот од Институтот за јавно здравје, додека во периодот од 5 до 11 јануари се регистрирани 2.322 случаи на грип, што претставува зголемување од околу 36 отсто во споредба со претходната недела и двојно повеќе во однос на истиот период лани.
