Ќе ја напушти ли Алтернатива Владата? – Гаши чека да го види целосниот договор меѓу Владата и АА

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Алтернатива ќе чека 100% да завршат преговорите меѓу Алијанса за Албанците и премиерот Ковачевски, за потоа да донесе одлука дали ќе останат или ќе ја напуштат Владата. Претседателот на партијата, Африм Гаши, додава дека треба да видат дали конечниот договорот меѓу АА и коалициските партнери задира во договорот на Алтернатива со мандатарот на Владата.

„Мислењето на претседателот на партијата не може да биде лично. Јас ја вршам мојата задача за да креирам добри алтернативи, односно да ги анализираме двете опции – што ако влеземе, а што ако излеземе. Истите ќе треба да ги ставиме на дебата во нашите органи и да одлучиме како мнозинство“, вели Африм Гаши.

Гаши не сакаше да коментира ниту што ќе се случи доколку на Алтернатива ѝ се одземе Министерството за здравство.

„Не би сакал да одговарам на хипотетички прашања. Прашањето останува отворено, ќе треба ние да дискутираме за целиот пакет, не станува збор за еден или два ресора“, додаде Африм Гаши.

Политиката е компромис и ние сме подготвени за компромис, но треба прво да се види колку се нарушува достоинството на Алтернатива со овој договор АА-Влада, додаде Гаши.

„Ние со АА имавме добри релации. Имавме заедничка коалиција, ги зачувавме добрите односи и доколку тие одлучат да му се приклучат на мнозинството, нормално и доколку ние останеме тука, ќе најдеме канали на комуникација бидејќи ги имаме и ќе соработуваме и така, Алтернатива е партија која соработува со сите“, порача Африм Гаши.

Ова го изјави Гаши вчера по средбата со членството на партијата во Гостивар каде се дискутираше на политичката состојба во земјава.