За утре е најавена средба меѓу координаторите на пратеничките групи со премиерот Зоран Заев, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и министерот за правда, Бојан Маричиќ на која ќе дискутираат околу Законот за државјанство. Но, со оглед на тоа што на денешната прес-конференција Зијадин Села и Африм Гаши јасно ставија до знаење дека нема да бидат дел од средбата доколку не добијат покана, Заев не ја исклучува можноста да го стори тоа.
Заев откри уште едно решение кое ќе го понуди утре на маса.
Но, дали коалицијата АА-ААА ќе попушти за Законот за попис на население, доколку се постигне договор за нивниот Закон за државјанство?
„Ние овие два закона не ги поврзуваме еден со друг. Не сакаме компромис за Законот за попис поради Законот за државјанство. Ова се две различни прашања и важни секое за себе. Не правиме компромис на едното за другото. Во никој случај“, истакнува Африм Гаши.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека по утрешната средба ќе одлучат дали ќе се откажат или не од амандманите против Законот за државјанство.
Законот за државјанство е во собраниска постапка уште од декември, но поради блокадата на ВМРО-ДПМНЕ не може да стигне до Комисијата за одбрана и безбедност на разгледување.
