Планот за раст и реформската агенда не се само услов за интеграција, туку за оздравување на општеството, порача премиерот Христијан Мицкоски. На дебата посветена на реформите кои се усогласени со Европската Унија, тој истакна дека нема време за губење и мора да се продолжи со битката против корупцијата, а законите од агендата ќе донесат подобро образование, здравство и поефикасна администрација. Според него, одлуките не смеат да се одложуваат.
„Секој народ има моменти кога мора да избере: ќе остане во удобната стагнација или ќе се соочи со потребата од длабоки и храбри промени. Државата е токму во еден таков момент – на раскрсницата помеѓу стариот систем и новата европска иднина“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Во фокус се реформските закони од правосудството, чиј рок беше поставен за јуни годинава. Министерот за европски прашања Орхан Муртезани ги потенцираше Законите за Јавното обвинителство и Судскиот совет, но оцени дека динамиката за одредени закони треба да се забрза за да се запазат и роковите од агендата. Во спротивно, надежта за законите од правосудството е во 12-те месеци грејс период.
„Реформите таму бараат поголем општествен консензус, а тоа значи поголемо време за да се усогласат. Тоа не значи дека се доцни поради недоволна координација, туку тие процеси по природа апсорбираат повеќе време“, изјави министерот за европски прашања, Охран Муртезани.
Шведската амбасадорка Ами Ларсон Јаин потсети дека преку Планот за раст на Македонија и стојат на располагање над 700 милиони евра, ако ги исполнува реформите.
„Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан претставува моќен показател за стремежот кон помагање на Македонија од Европската Унија“, изјави Ами Ларсон Јаин, амбасадорка на Шведска.
Министерот за правда Игор Филков за минатата недела најави прес-конференција на која требаше да појаснува до каде се законите од правосудството.
