Ќе се препополови бројот на патувања, нема веќе работа на црно во ЕУ – ќе се бројат и кафињата во Солун

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нема веќе работа на црно во земјите од Европската Унија, а ќе се бројат и кафињата во Солун. Од 12 октомври, Европската Унија воведува нов дигитален систем за влез и излез (EES) со кој ќе исчезнат печатите во пасошите. Ќе важи за граѓаните на земји кои не се членки на ЕУ, меѓу кои и за Македонија. Ќе се плаќа такса од 20 евра која е повисока од претходно најавените 7 евра. Одобрението ќе важи три години. Што ова ќе значи за македонските граѓани?!

Според познавачите- значајно ќе се намали бројот на лица кои ќе можат да престојуваат повеќе од 90 дена во земјите од Европската унија. На почеток потешко ќе се поминуваат границите. И секој влез ќе се брои.

„Предвидуваме дека драстично ќе се намали бројот на тие работници кои работеа нелегално бидејќи повеќе од 90 дена не можат да престојуваат. И она што во кулоарите, во некои професионални асоцијации во кои ние работиме од Европската унија се зборува дека повеќе ниту еден работодавец од Европа нема да прифаќа работник доколку нема документи.“, вели Зоран Кочоски, сопственик на КОУЗОН.

Според него секое излегување или транзитирање низ Европска унија може да биде проблем. Оние кои ќе транзитираат пример кон трети држави дури и транзит на аеродром ќе се регистрира како еден ден од престојот во Европската унија. А ќе треба да се бројат и кафињата кај нашите соседи.

„Во шест месеци вие ќе можете да влезете максимум 90 пати во Солун. Ако престојувате да кажам 24 саати и поминете едно деноноќие во Солун тоа ќе биде два дена, што значи тој престој се намалува на 45 денови и треба многу внимателно да се калкулираат деновите за престој во Европска унија, а од друга страна и самата апликација како што е најавено ќе има калкулатор кој ќе ги пресметува деновите на престој.“, изјави Кочоски.

Според туристичките работници пак сложените процеси за влез во земјите од ЕУ ќе го преполоват и бројот на патувања.

„Во секој случај ќе има намалување, барем 50 посто од патувањата од нашите патници во Европа или во соседните европски држави. Во секој случај 50 отсто ќе одустанат ако ништо друго, не заради зениците и фотографирањето туку заради тоа што едно семејство ќе мора да плати 100 евра за влез во европска држава.“, рече Ангел Иванов, туристички работник во пензија.

Новите правила по повеќе одложувања ќе почнат да важат од 12 октомври.

Што треба да направат граѓаните?!

Најпрво да отворат свој профил на системот врз основа на постоечкиот пасош, кој треба да биде со важност уште минимум три месеци. Да платат 20 евра со картичка. На првото патување кон земја од ЕУ, на граница ќе се земат биометриските податоци, фотографија, отпечатоци на прсти и скенирање на пасошот. Потоа при секое патување ќе треба најава преку профилот – каде одите, колку и каде ќе престојувате. Ако го надминете бројот на дозволени денови за престој во Европската Унија, а тоа се 90, самиот систем ќе ве блокира и вие нема да можете да патувате.