Сме немале никаков состанок со надлежните институции од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, како лицата со попреченост би биле дел од масовната вакцинација- велат од Коалиција за заштита на правата на лица со попреченост „Менуваме“ во која се вклучени околу 20-тина невладини организации.
„Како коалиција бараме на секое лице да му се направи алерго-тест. Дали тоа лице може да прими вакцина, која вакцина може да ја прими и како кај него ќе се манифестира. Лицата со попреченост со себе носат најчесто некоја невро-развојна состојба, со тоа тие живеат и се плашиме што ќе се случи ако ја примат вакцината, да не се искомплицира ситуацијата. Јас како човек сметам дека вакцините се компромитирање на човечките матични клетки.“, рече Суарет Алишан од Коалицијата.
Алишан вели дека пред две-три недели имале лажна вест од страна на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, дека приоритетна група ќе бидат лицата со попреченост за вакцинирање.
-Тоа не може да го одредува МТСП, туку матичните лекари кои ги водат болестите на оваа категорија на луѓе и тие се тие кои можат да кажат дали овие лица можат да ја примат вакцината или не. И втора работа како да ја примат кога не е мандаторна. Кога нудат вакцина, кој гарантира за нејзините ефекти ? Самиот човек. Не гарантира докторот. Значи ние немаме направено физибилити студија, ниту тие кои ја имаат измислено, како ќе делува на лицата со хендикеп.-вели Алишан.
Тој ги посочува децата со аутизам, бидејќи одредени вакцини не можат да ги примаат за да не дојде до несакани последици. Официјална база на податоци за лица со хендикеп нема. Но, неофицијално околу 120.000 лица се со некаков хендикеп. Иако побаравме, одговор од надлежните по овие прашања до овој момент немаме.
Приоритет за вакцинирање на лицата со попреченост ќе побара од владата Народниот правобранител Насер Зибери:
„Народниот правобранител укажува на можноста лицата со попреченост да имаат недоверба во здравствениот систем поради претходни негативни искиуства, дискриминација или тертман кој го искусиле, па затоа вакцинацијата треба да се изврши само откако ќе се добие целосна и информирана согласност од лицето со попреченост.“, велат од канцеларијата на Народниот правобранител.
Оттаму бараат дигиталната апликација за искажување интерес за вакцинација да биде целосно достапна и за лицата со попреченост.
