САД воведуваат вештачка интелигенција за управување со воздушниот сообраќај на три аеродроми

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Федералната управа за воздухопловство на САД (FAA) од денеска започнува да користи систем со вештачка интелигенција за управување со воздушниот сообраќај на три клучни аеродроми во поширокото подрачје на Вашингтон.

Системот ќе биде воведен на аеродромите „Роналд Реган Вашингтон Нешенал“, „Вашингтон Далес Интернешнл“ и „Балтимор/Вашингтон Интернешнл Тургуд Маршал“.

Новиот систем, наречен SMART, се базира на „клауд“ технологија и ќе служи како поддршка на постојните системи. Од FAA нагласуваат дека неговата цел не е да ги замени контролорите на летање, ниту да го реши проблемот со недостиг на кадар.

Во јануари 2025 година, на аеродромот „Роналд Реган“ се случи најтешката авионска несреќа во САД во последните децении, кога воен хеликоптер се судри со патнички авион. Сите патници и членови на екипажите на двете летала загинаа.

Контролорите на летање и пред несреќата предупредуваа за високата фреквенција на сообраќајот. Во јуни, FAA ѝ даде одобрение на вашингтонската компанија „Air Space Intelligence“ да развие систем за управување со воздушниот сообраќај со користење технологија на вештачка интелигенција.

Технологијата има за цел да ги намали доцнењата на летовите, да го подобри протокот на сообраќајот и да го зголеми капацитетот на воздушниот простор.

„Откако ќе го воведеме овој систем, во суштина ќе го промениме начинот на управување со воздушниот простор и ќе елиминираме илјадници доцнења и откажувања на летови“, изјави тогаш американскиот секретар за транспорт, Шон Дафи.