Иницијативата „Кој е следен“ инсистира власта да воведе т.н. „е-инспектор“. Тие поднесоа официјално барање до Владата, велејќи дека вака секој граѓанин ќе знае во каков објект седнува, а целта е да се знае дали се безбедни локалите.
„Тоа ќе биде страница каде што секој од нас ќе може да го напише името на субјектот, на локалот каде што планира да пие кафе, да се забавува и така натака и со што таму, на таа страница ќе се објави цела документација, сите инспекциски надзори – дали се позитивни или негативни.“, додава Умер Мухамеди.

Тие велат дека се подготвени да и помогнат на власта за да го реализира „е-инспекторот“, но имаат и други барања, особено во делот на правосудството, кои етапно ќе ги доставуваат. Едно од нив е и промена на начинот на полагање на правосуден испит, но не знаат дали ќе добијат поддршка од владејачките партии.
„Ние бараме поддршка од власта, од мнозинството, за да ни ги усвои овие барања коишто се за доброто на сите нас. Од некоја политичка партија конкретно не знам, можно е да има, но тоа не значи дека тие би го имале мнозинството за тие да поминат во Собрание.“, вели Умер Мухамеди.

Од „Кој е следен“ истакнаа дека тие самите нема да прераснат во политичка партија. Иницијативата започна да функционира по сообраќајката во која животот го загуби младата Фросина Кулакова.
Нивните барања започнаа да се зголемуваат по трагедијата во дискотеката во Кочани, а за утре пак најавија протест пред Владата и Судскиот совет поради, како што велат, ниската двегодишна затворска казна која тетовскиот суд му ја изрече на возач, а во сообраќајката загина 22-годишната Теодора.
