Кој е за, а кој против предвремени избори? – Меџити: Не бегаме од избори, туку Владата треба да работи на програмата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Темата за изборите постојано ја одржува ДУИ бидејќи таа нема што да понуди па затоа бара предвремени избори. Ова го изјави градоначалникот на Чаир Изет Меџити откако деновиве во јавноста на големо се калкулираше дали се потребни предвремени избори и кој ги посакува нив. Меџити додава дека тие не се против изборите, но дека Владата е фокусирана на програмата и не е време за тоа.

„Значи, Парламентот има доволно пратеници, апсолутно мнозинство и нема никаква причина да експериментираме и да одиме на избори, сè додека нема блокада на процесите, блокада на работата, блокада на јавните набавки, вработувањата и носењето одлуки. Тоа не е во интерес на граѓаните. Тоа е дополнителен трошок за граѓаните. Тоа не значи дека ВЛЕН, кој е фаворит кај Албанците, главната партија кај Албанците според последните анкети, бега од избори. Но, мислам дека во моментов работиме на решенија, а не на избори“, порача Изет Меџити.

Од СДСМ пак повторија дека Мицкоски посакува избори поради празниот буџет, но дека тие нема да му бидат алиби за нивно одржување. Вели дека власта е таа што го подготвува сценариото за предвремени избори и меѓуетнички тензии.

„Мицкоски очајно бара алиби за избори. Внимавајте, самиот кажува дека не сака предвремени избори, но истовремено моли да му биде фрлена ракавица или веројатно поточен е изразот да му биде фрлена гума за спасување од страна на опозицијата. Сега нема да бидат главен аргумент противник наш, односно алиби за изборите Бугарите, туку ќе бидат, внимавајте Албанците“, вели Андреј Жерновски.

Премиерот Мицкоски пак вели дека мандатот на Владата е 4 години, а дека опозицијата тактизирала во однос на предвремените избори.

„Ставот наш го знаете и ставот на Владата е дека мандатот на оваа Влада е 4 години. Од она кое што можам да видат од опозицијата е бледо тактизирање кога станува збор за предвремени избори и срамежливи изјави. Но тоа е што е. Нашиот мандат како Влада е 4 години, наш приоритет се граѓаните, интересот на граѓаните, проектите и реформите кои што треба да ги испорачаме и кои што граѓаните ги очекуваат од Владата и она што го испорачуваме во изминативе 25 – 26 месеци откако оваа Влада е избрана“, вели Христијан Мицкоски.

Од ДУИ уште веднаш се изјаснија дека тие прифаќаат избори и тоа веднаш, а за нив се изјаснија и од Левица, откако премиерот Мицкоски рече дека доколку опозицијата побара тие ќе организираат предвремени избори.