Кој ќе одговара за доцнењето на случајот „Алфа“? – Судскиот совет продолжува да работи на предметот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ќе се бара ли одговорност за судијата Зоран Димитриевски кој според извештајот на Судскиот совет дозволил да се одолговлекува кривичната постапка по жалбата на осудениот, Алмир Дрпљанин во случајот „Алфа“?

Ова доцнење од речиси две години го спречува Кривичниот суд да донесе одлука за евентуално повторно судење на предметот за осудениот Агим Ислами.

Иако на Дрпљанин и Ислами им се судеше и беа осудени посебно, одлуката на Апелациониот суд ги поврзува нивните судбини. Од Судскиот совет велат дека извештајот само ја утврдил фактичката состојба со предметите, а за одговорност ќе се одлучува подоцна.

„Сега влегуваме во нова фаза која подразбира доверливост и заштита на интегритетот на судиите. Судскиот совет и понатаму ќе продолжи да работи на овие предмети за да определи дали има или нема нечија одговорност за да може во иднина да преземе други дејствија согласно законот“, велат од Судскиот совет.

Останува под знак прашалник дали одолговлекувањето на случајот е направено намерно или од неодговорност. Според членот на Судскиот совет, Сашо Ѓорѓиевски, ваквите доцнења не смеат да се толерираат. 

Разрешување на судиите кои не ја извршувале својата работа професионално и посветено е само едно од многуте овластувања што ги има Судскиот совет. Во негова надлежност е да избира и разрешува судии.

Судскиот совет случајот „Алфа“ го оквалификува како предмет од висок јавен интерес, случај за кој Апелација мора да постапи согласно законот без да ја одолжува понатаму постапката. И додека Апелација го одолговлекува случајот, пред една година во затворот „Идризово“ почина Реџаиљ Ќерими, чекајќи го повторното судење за случајот, за кој сметаше дека е за неправеден.