Кој одлучи за државјанството на Онишченко? Четири институции дале позитивно мислење, премиерот најави ревизија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Четири институции кои правеле безбедносни проверки за доделување македонско државјанство на украинскиот политичар Олександар Онишченко не нашле ништо спорно и за него дале позитивно мислење. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека овие институции меѓу кои и Агенцијата за национална безбедност дале позитивни оценки по што конечната одлука за државјанството ја донела Владата. Спасовски рече дека за Онишченко немало распишана меѓународна потерница од друга држава.

„Станува збор за предмет кој што добил позитивни оценки од четири релевантни институции во државата, на крајот се носи на Владата и Владата има дискреционо право да даде или да одбие државјанство. Не никаде нема. Меѓународната потерница не е само кај нас, кога се распишува се распишува на Интерпол и таа важи за цел свет.“, рече Спасовски.

И премиерот Ковачевски потврди дека Владата добила позитивни оценки за Онишченко од институциите, но најави дека сето ова ќе биде преиспитано.

„Врз основа на тие позитивни мислења Владата донела одлука да добие државјанество. Но, сега, нормално како Влада ќе побараме испитување да видиме дали постојат и други некакви информации кои што треба да бидат земени во предвид.“, изјави Ковачевски.

Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ бара првиот човек на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски да му се запре постапката за назначување амбасадор во Франција, откако е дадено позитивното мислење за Онишченко, кој, е на црната листа на САД.

„Директорот на АНБ, Виктор Димовски не заслужува да биде амбасадор во Франција. Доколку МНР не ја повлече одлуката за номинирање на се уште актуелниот директор на АНБ за амбасадор во Франција, на потег ќе биде претседателот Пендаровски. Барем еднаш нека се одважи и нека не биде партиски извршител, односно нека не го потпишува Указот за лице кое и нанесува срам на Македонија.“, вели Ковачки.

Министерот Бујар Османи за ова вели дека прво треба да расветли случајот односно институциите да утврдат дали има навистина нешто спорно, па потоа ќе се одлучи дали МНР ќе преземе нешто. Сепак го повика претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика Антонио Милошоски да свика седница за негово сослушување и да го преиспита Димовски за овој случај.

„Целта на тие разговори е тие прашања да се одвиваат таму каде што треба, преку институциите а не преку прес конференции. Значи имаат можност да го поканат и господинот Димовски и другиот кандидат за амбасадор и да му ги постават сите прашања за кои што тие сметаат дека се важни. Така што сметам дека е и во нивни интерес да ја свикаат оваа Комисијата, ако не ја свикаат тоа значи дека немаат никакви забелешки и тогаш ќе побарам од претседателот да потпише Указ.“, рече Османи.

За доделувањето македонско државјанство на Онишченко причината била спортски национален интерес, односно тој ја застапувал земјава и учествувал на меѓународни натпревари по коњички скокови под македонско знаме, откако во мај годинава го добил државјанството.