Кој тоа правел криминал!? – ВМРО-ДПМНЕ и Вреди без имиња на екс функционери, чекаат на институциите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Иако за време на изборната кампања и пред неа, ВМРО-ДПМНЕ постојано ја обвинуваше Демократската унија за интеграција како и претходната власт за сомнителни тендери и криминални дејствија, по месец и половина владеење, новата Влада не доставила докази до Обвинителството . Од ВМРО-ДПМНЕ ги прашавме дали откриле коруптивни дела, но и кои поранешни функционери правеле криминал.  Велат дека за секој сомнеж ќе ги остават институциите да постапуваат.

Одговорност за функционери од претходната влада во текот на изборната кампања најавуваа и од коалицијата ВРЕДИ. Меѓутоа и од таму нема ништо конкретно во однос на откривање коруптивни дела.

„Во моментов сме во процес на прибирање и анализа на докази и ќе ги доставиме сите важни информации во ЈО за да се гарантира одговорност и гонење за секое незаконско дело. Ние сме посветени за да обезбедиме транспарентност и законитост на сите нивоа на влада“, вели Вреди.

Коментирајќи ги најавите дека ДУИ посакува дестабилизација на државата, првиот вицепремиер Изет Меџити за Сител спомна група луѓе со валкани пари кои сакаат да создадат магла и да не одговараат пред законот.

„Вистина е дека има валкани пари и би сакале да создадат магла за да спасат кожа, но ова е мал број луѓе и не мислам дека поради нив некој ќе го прекрши законот или утре ќе преземе одговорност за некаква дестабилизација“, порача Изет Меџити.

За ваквите обвинувања за “валкани“ пари контактиравме и со ДУИ но до сега не добивме одговор.