Колку е безбедна Хургада по нападот од ајкулите? – Глигоров: Многу се „дружељубиви“, жените се поизложени на напад

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По смртта на 68-годишната Елизабет Сквајер од Австрија од нападот на ајкула во познатото египетско летувалиште Хургада, втора жена почина од истата причина, а романското Министерство за надворешни работи ја потврди смртта на својата државјанка.

Некои плажи во Египет се затворени поради смртоносен напад на ајкула.

Со оглед на атрактивноста на оваа дестинација кај нашите туристи, кон која има и по два чартери неделно, побаравме мислење и од долгогодишниот нуркач во Црвеното море Љубомир Глигоров за тоа колку е ризично да се плива во ова море кое важи за море со најубав подводен свет и е предизвик за сите нуркачи.

Тој е еден од најуспешните македонски нуркачи, нурка од 13 години, најдобро време му е 91 минута, а зарон од 67, 5 метри.

Последнава година поминал 100 дена во водите на Црвеното море. Тој вели дека поопасни се ражите од кои има поголем број смртни случаи отколку ајкулите кои според него се пријателски расположени.

Но, додека разговаравме доби порака од пријател од Египет дека денеска од ајкула настрадал и пријател на негов пријател. Патувал со брод товарен со овци и кози, паднал во вода и го нападнала ајкула.

„Според мене ајкулата не е опасна, инциденти секогаш се можни. Според мене воопшто не треба да се плашат македонските граѓани да отпатуваат во Египет и да уживаат во убавините на Црвеното море. Сум имал контакт, буквално можете да ја погалите ајкулата ништо нема да ви направи. Веројатно се работи за нарушување или психичко или слепило.  “, вели Љубомир Глигоров.

Ајкулите живеат во длабоките води, но инцидентите секогаш се близу плажа како и во последните случаи. Во Хургада плажирањето завршува во 18 часот, дали можеби тоа е времето кога се „будат“ ајкулите?

„Дефинитивно постои некоја опасност никој не зборува за тоа, меѓутоа правилото е тоа, 18 часот панично плажата се затвора, дури и порано 15-тина минути пред тоа сите се предупредени да се повлечат“, посочи Љубомир Глигоров.

Глигоров вели дека неколкупати имал средба со ајкули  во Црвеното море и тие се со големина од околу 1,5м.

„Не многу 3-4 пати , токму кога ќе платиме да отидеме на подалечна локација за да видиме ајкули нема да ги видиме, но ќе не изненадат на друга локација, обично во подлабоки води. Се работи за зарон над 40 метри и повеќе. Јас ајкулата ја имам видено во поплитка вода. Умгамар тоа е едно место за нуркање во Египет во близина на Хургада“, додава Љубомир Глигоров.

 Тој вели дека треба да се истражи како настанал овој инцидент. Вели дека ајкулите ги привлекува крв, па дури и да е минимално крварење од заб, како и тоа дека жените се почесто на мета од мажите. Ќе има ли откажување на летовите и враќање на парите на оние кои ќе се откажат од патување во Хургада немаме одговор од туристичките агенции. Вакви смртоносни инциденти во Египет имало со чешки турист во 2018 година, со Германец три години претходно и со негов сонародник во 2010 година.