Колку објектите се издржливи на земјотрес? – Касами: Работиме и наскоро ќе излеземе со извештај

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По последните разорни земјотреси во Турција и Јапонија, во општина Тетово се актуелизираше темата колку станбените згради во овој град се отпорни на земјотрес. Градоначалникот Билал Касами вели дека се прави анализа.

„Ова се појави како проблем по земјотресот во Турција и сме кажале дека ќе вршиме инспекција, ќе ги контролираме сите објекти, но оваа е многу комплексна и широка проблематика. Работиме во тој правец  и моментално кога ќе имаме информации колку објекти се изградени согласно стандардот за изградба и заштита од земјотрес, и ќе излеземе со извештај“, вели Биљал Касами.

Раководителот на секторот за урбанизам во Тетово, Рилинд Селмани, вели дека сите објекти што добиваат градежни дозволи во Тетово треба да имаат мислење и од Сеизмолошкиот завод во Скопје.

„Како главен услов го имаме приемот на редовна документација и главен услов што мора да се исполни е да се добие согласност од Заводот за сеизмологија во Скопје, каде проектантот заедно со инвеститорот ја испраќаат документацијата и добиваат соодветна согласност од Институтот. Без проверка на институтот, не продолжуваме понатаму со предметот или веднаш изготвуваме решение за прекин на постапката доколку нема мислење од Заводот за сеизмологија“, порача Рилинд Селмани.

Според Заводот за статистика на Македонија во август 2023 година се издадени 344 одобренија за градба. Во Полог, Тетово е на прво место со 60 градежни дозволи. Според Заводот за статистика, најголем број градежни дозволи има за висококатници.

Инаку, според законот за градба, секој објект над 300 метри квадратни мора да има две позитивни мислења од Институтот за земјотресно инженерство.