Косово слави – се одбележува 13 години независност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Централната манифестација по повод независноста на Косово се одржа во касарната „Адем Јашари“. Но, в.д. претседателката Вјоса Османи и кандидатот на Движењето Самоопределување за премиер, Албин Курти одадоа почит на првиот претседател на најновата држава на Балканот, Ибрахим Ругова.

„Му одадовме почит на архитектот на независно Косово, историскиот Претседател, Ибрахим Ругова. Човекот кој ги сублимираше и обедини барањата на Албанците во Косово за слобода, независност и суверенитет. Човекот кој ги отвори вратот кон светот со цел нашиот глас, гласот на нашиот народ во Косово да одѕвонува и да се слуша насекаде“, истакна Вјоса Османи.

„Денес се сеќаваме на политичките, историските и националните фигури во разни периоди и начини. Затоа, стоиме пред првиот Претседател на првата косовска република, првиот Претседател на ослободено Косово, по што ќе продолжиме со другите активности. Посебна благодарност до граѓаните на Косово кои придонесоа за овој важен ден, за 13-годишнината која ја одбележуваме денес“, порача Албин Курти.

И вршителот на должноста премиер, Авдула Хоти, присуствуваше на церемонијата кај гробот на поранешниот Претседател, Ругова.

„Почнуваме со омажот, тука од местото на основачот на Република Косово. Независноста на Косово е најголемиот проект од прогласувањето независност на Албанија и зајакнување на албанската нација, дел од евроатлантското семејство. Граѓаните на Косово секогаш ќе му бидат благодарни на семејството Ругова. Ја користам можноста на сите граѓани да им го честитам Денот на независноста“, вели Авдула Хоти.

Почит на првиот претседател на независно Косово одадоа и останатите лидери на политичките партии. Последната земја која го призна Косово е Израел, а двете земји пред неколку дена и официјално воспоставија дипломатски односи. Поради блокадата на Русија, Косово сè уште не е членка на ОН.