Косово упати протестна нота до властите во Македонија поради инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи што се случи на скопскиот аеродром а во кој се вклучи и обезбедувањето на собранискиот спикер Африм Гаши. Во нотата министерката Доника Грвала испрати барање од Македонија итно и целосно објаснување за овие случувања.
„Министерката Гервала упати протестна нота до властите во Северна Македонија, барајќи итно и целосно расчистување на овој инцидент. Во исто време, побарано е македонските власти да преземат итни мерки за расветлување на случајот и да се погрижат вакви настани во иднина да не се повторуваат“, вели МНР на Косово.
Косовската министерка Гервала имала и телефонски разговори со македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски кој изразил жалење за недоразбирањата при патувањето на претседателката Османи.
„Напоменуваме дека од страна на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија во врска со овој настан веќе се побарани информации од сите надлежни институции. Откако ќе биде направена соодветна анализа на прибраните податоци во непосредна соработка со Министерството за внатрешни работи, ќе бидат преземени сите потребни активности и мерки со основна цел во иднина да се избегнат вакви ситуации“, вели МНР.
Инаку, Гервала веднаш по случувањето на скопскиот аеродром се сретнала и со македонскиот амбасадор на Косово, како и со вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи кој бил во Приштина.
„Ја информирав министерката Гервала дека нашите институции ги спроведуваат потребните истраги и дека ќе има одговорност за секој прекршок што може да се констатира од снимките на аеродромските камери. Ја слушнав загриженоста на министерката, која рече дека во текот на годините постојано имало несоодветно однесување кон високите делегации на Република Косово од безбедносниот персонал на компанијата“, вели Арбен Фетаи.
За случувањата на скопскиот аеродром, реакции имаше и од Претседателството на Република Косово, во која се изразува револт по ставот на македонското МВР, но и како што велат, пропагандата која се развивала против Република Косово во некои македонски медиуми за инцидентот со претседателката Османи.
