Ковачевски: До ноември има време за уставните измени – мнозинство нема да има, ќе има распуштање на Влада, вели Мицкоски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Засега не е јасна стратегијата по која Владата ќе работи за да го добие потребното двотретинско мнозинство за гласање на уставните измени во Собранието. Премиерот Димитар Ковачевски не планира да свика нова лидерска средба на која би се разговарало за ова прашање, но сепак вели дека не ја исклучува таквата можност. Сепак Македонија има рок до ноември годинава да ги донесе измените, а ако се има предвид дека самиот процес на уставните промени траат околу шест месеци, се чини кус е периодот кој останува за Ковачевски да постигне политички консензус со партиите. Има ли стратегија како да го достигне двотретинското мнозинство во парламентот?

„Па до ноември има 10 месеци и воопшто не сметам дека е тоа кус период, за 10 месеци можат да се направат многу позитивни работи. Секако секој треба да биде одговорен да биде на ниво на задачата и на обврската која што ја има кон граѓаните и кон државата. Јас не сум човек кој што дошол на позицијата за да некого убедува или разубедува туку за да ја спроведува стратегијата и целите кои што државата ги поставила пред 31 година“, вели Димитар Ковачевски.

Ковачевски додаде и дека истите политички сили кои не го поддржуваа членството во НАТО сега не го поддржуваат европскиот пат, но сепак е убеден дека постојат доволно политички сили кои се европски ориентирани, веројатно очекувајќи дека за уставните измени ќе гласаат пратеници од опозицијата. Но, на гласови од спротивниот табор на СДСМ и ДУИ се надева и шефот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но за распуштање на Владата и предвремени избори. Тврди – мнозинство за уставни измени ќе нема, туку ќе има за промена на власта.

„Не треба да очекувате дек овој став ќе биде променет овој парламент нема мандат да менува Устав бидејќи ниту опозицијата учествувала во креирање на тој договор ниту опозицијата се согласила со тој договор. Јас не верувам ни дека  ќе го задржат мнозинството за поддршка на оваа Влада а за уставни измени мнозинство ќе немаат. Ќе треба да почекаме неколку месеци за да овие пратеници кои што доаѓаат од пратеничката група на СДСМ и ДУИ поддржат распуштање на парламентот и промена на Владата“, додава Христијан Мицкоски.

За постигнување политички консензус неодамна говореше и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој најави широка политичка дебата во која ќе се вклучат сите политички фактори, со цел да се постигне заеднички договор за усвојување на уставните измени, но засега се уште нема закажана таква средба.