Со 10 гласа За и 7 против поминаа заклучоците на Уставната комисија по предлогот за измените на Уставот. Иако Комисијата имаше рок од 10 дена целата расправа траеше два и пол часа во која имаше остри меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата. Во експозето за предлогот на уставните измени премиерот Ковачевски им порача на пратениците дека оваа шанса за Европа не смее да се пропушти и сега од нивната одлука зависи дали ќе продолжиме по патот на Европската унија или ќе назадуваме.
„Ние не треба да ја пропуштиме оваа шанса за Европа, оваа шанса да ја однесеме државата во Европската унија и да донесеме европски квалитет на живот дома. Еднаш тоа се случи кога се одвоивме од Хрватска која е веќе 10 години членка на Унијата, а дали ќе се случи истото годинава вие тука во овој парламент ќе одлучите. Од Европската унија пораките се дека пристапниот процес за Северна Македонија ќе запре ако уставните измени не поминат и дека другите земји ќе одат напред во проширувањето а нашето членство во Унијата ќе биде одложено“, вели Христијан Мицкоски.
Со остар тон во своето излагање се обрати координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и повтори дека под вакви услови пратениците од оваа партија нема да гласаат за уставните измени, бидејќи како што рече тоа само ќе ги стават во правна рамки сите негаторски политики од Бугарија.
„Не господа, ова не се никакви шанси за напредок на целата држава. Ова е шанса за нивно лично профитирање на грбот на македонскиот народ и Македонија. За уште некое ауди поклон од комшијата. И ајде во скратени рокови, пуштете го предлогот нека дојде на пленарна седница, ама да го ставите веднаш на гласање, па да видите како пропаѓа ова ваше срамно насилие вр Уставот и туркање на бугарски диктат“, порача Никола Мицевски.
И од ДУИ повикуваат да се гласаат уставните измени бидејќи друга алтернатива не постои. (4 мин.)
„Бескомпромисни би биле ако се појави една друга пречка на патот кон ЕУ за нашата земја, за Северна Македонија, бидејќи секоја друга алтернатива е неприфатлива. Затоа не случајно на почетокот особено им се обратив на моите сонародници Македонци да бидете убедени дека како што стоиме денес покрај вас и сите влијанија ги користиме за да помогнеме во евроинтегративниот процес на Северна Македонија така ќе стоиме и во иднина“, додаде Арта Биљали Зендели.
Од опозициската Алтернатива велат дека власта има сценарио и само глуми дека сака уставни измени.
„Најдобриот одговор е дека пристапувањето во Европската унија ви е само лага. Некој што мисли за интеграција на државата во ЕУ не се однесува како што се однесувате вие да најдеме некој виновник за да не поминат уставните измени а ние да ги добиеме изборите. Ова е вашиот слоган“, вели Африм Гаши.
По денешната расправа во Комисијата за уставни прашања, расправа по предлогот за измените на највисокиот правен акт поминува на пленарна седница која веќе е закажана за 18 август. Таму треба да биде усвоена потребата од уставни измени за што исто така е потребно двотретинско мнозинство, односно 80 гласови од пратениците.
